Хрватска продолжува со реализацијата на еден од најголемите инфраструктурни проекти, откако беше потпишан договор вреден 250 милиони евра за изградба на делницата Јадраново – Селце на автопатот А7.
Новата делница ќе биде долга 12,3 километри и претставува дел од идната траса Крижишќе – Жута Локва, чија цел е подобрување на сообраќајната поврзаност меѓу Приморско-горанската и Личко-сењската жупанија, како и зголемување на безбедноста и протокот на возила долж јадранскиот брег.
Хрватскиот вицепремиер и министер за море, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ, истакна дека станува збор за втората фаза од проектот, која е технички многу посложена од првата, додавајќи дека ова е првата голема патна инвестиција во регионот по повеќе од 45 години.
Изградбата на првата делница Крижишќе – Јадраново, вредна 150 милиони евра, треба да започне до крајот на месецот. Со реализацијата на двете фази, вкупната инвестиција ќе достигне 400 милиони евра, а проектот целосно ќе биде финансиран од државната компанија Хрватски автопати, без користење средства од Европската Унија.
Новата делница ќе содржи 11 мостови и вијадукти, осум тунели, а на проектот ќе работат меѓу 200 и 300 инженери. Од Хрватски автопати посочуваат дека поради сложената конфигурација на теренот, ова е една од најкомплексните делници на идниот автопат А7.
Локалните власти очекуваат изградбата значително да го намали сообраќајниот метеж на Јадранската магистрала, особено во летната туристичка сезона, како и да придонесе за подобра транспортна поврзаност, економски развој и унапредување на туризмот.
Министерот Бутковиќ најави и дека Хрватска во текот на следната година планира да воведе електронски систем за наплата на патарина, додека паралелно продолжуваат работите на проширување на автопатот Загреб – Карловац и загрепската обиколница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












