Трагедија ја потресе Грција за време на гаснењето на големите шумски пожари, откако два противпожарни хеликоптери се судрија во регионот Атика. Во несреќата загинаа двајца членови на екипажот, додека уште две лица успеаја да преживеат.
Според грчката противпожарна служба, судирот се случил во областа Псата, каде хеликоптерите учествувале во операцијата за локализирање на пожарот што уништи повеќе од 100 куќи северозападно од Атина. Загинатите се грчки и дански државјанин, додека преживеаните – грчки и британски државјанин – се извлечени живи. Во тек е истрага за причините за несреќата.
Пожарот избувнал во регионот Беотија, а потоа се проширил кон Атика. Според првичните информации, можно е огнот да бил предизвикан од искри од електрични проводници на приватна мрежа што ја пренесува електричната енергија произведена од ветерни турбини до главната електроенергетска мрежа.
Во рамки на истрагата, приведени се двајца грчки државјани под сомнение за небрежност, додека по уште едно лице се трага.
Иако силните ветрови почнале да стивнуваат, пожарот продолжил да се шири, преминувајќи планински предел и стигнувајќи до населбата Вениза и воен стрелишен полигон, каде што се активирале неексплодирани убојни средства.
Пожарникарите ги насочија силите кон спречување на огнената стихија да се прошири кон крајбрежниот град Мегара, кој има околу 30.000 жители.
„Постојат моменти кога силата на природата и интензитетот на временските услови ги надминуваат сите човечки планови и секоја оперативна способност“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Поради сериозноста на ситуацијата, грчките власти издадоа итни наредби за евакуација на повеќе населени места во западна Атика, вклучувајќи и индустриска зона во близина на Мегара.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












