Германија бележи нов пад на бројот на пиварници, а традиционалната пиварска индустрија се соочува со сè поголеми предизвици поради намалената потрошувачка и растот на трошоците.
Според податоците на Федералниот завод за статистика, во 2025 година во земјата работеле 1.415 пиварници, што е за 53 помалку во однос на претходната година и најниско ниво од 2016 година.
Во споредба со 2019 година, кога Германија имала рекордни 1.552 пиварници, бројот на активни производители е намален за 137 компании. Статистичарите оценуваат дека главна причина за овој тренд е падот на продажбата на пиво.
Минатата година во Германија биле продадени околу 7,8 милијарди литри пиво, што претставува пад од шест проценти во однос на претходната година и речиси 16 проценти помалку во споредба со 2019 година.
Иако безалкохолното пиво бележи раст на популарноста, неговата продажба сè уште не е доволна за да го надомести падот на класичното пиво.
Извршниот директор на Германското здружение на пивари, Холгер Ајхеле, посочи дека индустријата се соочува со тешки економски услови, предизвикани од слабата потрошувачка, инфлацијата, економската и политичката неизвесност, но и од фактот дека младите генерации во просек пијат помалку алкохол.
Повеќе од половина од германските пиварници се мали производители со годишно производство до 100.000 литри. Во исто време, минатата година само осум пиварници произвеле повеќе од 200 милиони литри пиво.
Според статистичките податоци, бројот на пиварници е намален во речиси сите категории на производители.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












