Пожарот што неколку дена беснееше на подрачјето меѓу кавадаречките села Раец, Ќесендре и Дреново е ставен под контрола и се очекува во најскоро време целосно да биде изгаснат, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во меѓувреме, активен останува пожарот во населбата Стопански Двор во скопската Општина Ѓорче Петров, каде што гори сува трева и ниска вегетација.
Според информациите од ЦУК, до 18 часот на територијата на државата биле евидентирани вкупно 14 пожари на отворен простор. Од нив, еден е сѐ уште активен, четири се ставени под контрола, а девет се целосно изгаснати.
Под контрола, покрај пожарот во Кавадаречко, се и пожарите кај селото Мождивњак во Општина Крива Паланка, кај ресторанот „Сирач“ во Општина Тетово и кај селото Горна Лешница во Општина Желино.
Во текот на денот целосно се изгаснати пожарите кај селата Глуво, Мирковци и Кучевишка Бара во Општина Чучер-Сандево, кај сервисот „Агромеханика“ на улицата „Скупи“ во Општина Карпош, во Скопско Поле во Општина Гази Баба, кај Тумбе Кафе во Битола, кај местото Теќе во Прилеп, кај селото Лабуништа во Струга, како и кај селата Шемшово и Сиричино во Општина Теарце.
Претходно денеска, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопштија дека пожарот во Кавадаречко е речиси целосно локализиран и дека се очекува наскоро да биде целосно изгаснат.
Јанчев информираше дека пожарот избувнал вечерта на 2 август во атарот на селото Раец, а истовремено биле регистрирани уште пет одделни жаришта, оддалечени меѓу 500 и 700 метри едно од друго.
Според градоначалникот, ваквата појава укажува на основано сомнение дека пожарот бил намерно подметнат.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












