Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција изнесе низа обвинувања за начинот на кој институциите се справуваат со кризата со водоснабдувањето во Гостивар и побара обвинителот Савевски веднаш да отвори постапка.
Поповиќ обвини дека институциите со недели давале контрадикторни информации за состојбата со водата, додека бројот на граѓани со здравствени проблеми растел.
Таа посочи дека министерот за здравство Сашо Клековски неодамна изјавил дека во водата во Гостивар биле пронајдени „многу различни бактерии и вируси“, додека премиерот Христијан Мицкоски претходно уверувал дека водата може да се користи како техничка.
Од СДСМ прашуваат врз основа на која анализа била донесена таквата одлука и кој ја одобрил, при што тврдат дека досега не бил објавен документ со кој се потврдува безбедноста на водата за техничка употреба.
Поповиќ презентираше десет точки за кои оцени дека треба да бидат предмет на проверка од страна на обвинителството.
Според нејзините наводи, загадувањето на водата започнало на 25 јуни, додека првите случаи со симптоми на труење биле регистрирани на 13 јули. Таа тврди дека првите препораки до граѓаните биле објавени дури на 18 јули.
Поповиќ посочи и дека три дена пред официјалното соопштување дека водата е загадена, Центарот за јавно здравје Тетово издал извештај според кој водата била безбедна за пиење.
Таа оцени дека токму поради доцнењето во реакцијата илјадници граѓани биле изложени на ризик, наведувајќи бројка од околу 4.700 лица со симптоми на труење.
Според СДСМ, на 23 јули премиерот Мицкоски најавил дека Гостивар ќе добие техничка вода, а подоцна и вода за пиење. Неколку дена подоцна, според Поповиќ, било соопштено дека водата може да се користи за капење, но не и за пиење.
Таа дополнително го постави прашањето како било дозволено користење на водата за капење и миење доколку во неа биле пронајдени бактерии.
Поповиќ се осврна и на изјавата на Стојанче Ангелов од 3 август дека во водата има бактерија, како и на последната изјава на министерот Клековски дека биле регистрирани повеќе различни бактерии и вируси.
„Илјадници луѓе се отруени. Речиси 5.000 луѓе завршија по болници“, изјави Поповиќ, повикувајќи го обвинителството да ги испита сите околности поврзани со кризата.
Од СДСМ велат дека ги имаат подготвено документите и информациите што, според нив, треба да им бидат доставени на надлежните институции.
„Еве ги фактите. Се му е спремно на Савевски, па кога ќе се врати од екскурзија еве го чека, нека постапува“, порача Поповиќ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












