Екс премиерот на Бугарија Бојко Борисов се огласи за одлуката на македонскиот парламент за прифаќање на францускиот предлог, нарекувајќи ја мудра одлука.
Борисов во објава на „Фејсбук“ упати честитки за мудрата и одговорна одлука на македонското Собрание со која се отвораат вратите за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Ова е процес, вели Борисов, кој е започнат уште во 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство и на преден план беше изведена заедничката историја меѓу двете земји.
– За време на бугарското претседавање со ЕУ во 2018 година, ние бевме тие кои ја вративме темата за проширувањето на агендата на Европа. Отсекогаш верував дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е клучна за мирот, разбирањето и просперитетот, напиша Борисов во објавата на „Фејсбук“
Во Македонија свој коментар имаше и екс премиерот Зоран Заев кој истакна дека во ЕУ ќе влегуваме како македонци, притоа упатувајќи благодарност и до Борисов и неговата ГЕРБ за заедничкиот исчекор за одење напред.