Повторно враќање на знакот „Ја сакам Кисела Вода“ најавуваат од општина Кисела Вода откако тој вчера беше тргнат по налог на Град Скопје на крстосницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „Народни херои“. На отстранувањето на знакот преку социјални мрежи реагираа многу житлеи на оваа скопска општина. Тие се револтирани од отстранувањето на знакот кој беше поставен по примерот на голем број европски градови. Граѓаните во коментарите потенцираат дека знакот мора да биде вратен.
-Ќе го вратиме натписот, макар со жив штит го бранеле!, е само еден од коментарите на социјалните мрежи на жителите од Кисела Вода.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во Фејсбук статус објаснува дека знакот Кисела Вода ќе биде повторно вратен.
„Целата иницијатива за поставување на светлосната табла ,,Ја сакам Кисела Вода”, по урнекот на неколку европски градови и општини, потекнала од жителите на општината, а пред пет месеци испратил барање до Градот Скопје, за кое добил усмено одобрување, но на писмено, до денешен ден, вели Ѓорѓиевски, нема буквално никаков одговор, што според закон, значи премолчено одобрување. Токму затоа, дозволивме нашата општина да биде разубавена со оваа табла која е целосно финансирана од граѓаните“, соопшти Ѓорѓиевски.
Тој проблемот го лоцира кај градските власти, кај генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, и кај градоначалничката Данела Арсовска, на кои им забалежува дека место да се јават и да се заинтересираат до каде е остварувањето на ветената меѓуопштинска соработка, тие се занимаваат со рушење на светлечка реклама, „платена од нашите жители“.
Според градоначалникот, решението за отстранување на објектот е правно неиздржано поради тоа што, во него, случајно или намерно, се бара отстранување на објект во општината Аеродром, а не во Кисела Вода.
-Да водиш институција е многу сериозна работа и тоа не подразбира реваншизам, политичко инаетење и незрелост или правење на циркус со рушење на рекламни табли. Тоа подразбира решавање на проблеми на граѓаните и искрено се надевам дека дотичните од Градот Скопје ќе излезат од балонот на гнев и реваншизам и конечно ќе ја сфатат улогата и функцијата за која се избрани. Уште еднаш да напоменам дека покажувањето на сила кај мене не поминува, дека целосно застанувам зад моите сограѓани и дека знакот „Ја сакам Кисела Вода“ ќе биде повторно вратен, најави градоначалникот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












