Бразилската репрезентација се соочува со сериозен проблем на Светското првенство, откако стана јасно дека Неимар најверојатно нема да настапи во ниту еден натпревар од групната фаза.
Ѕвездата на „Селесао“ ремито 1:1 против Мароко го следеше од трибините во Њу Џерси, а неговото отсуство дополнително ја зголеми загриженоста кај бразилските навивачи.
Селекторот Карло Анчелоти потврди дека напаѓачот сè уште не е подготвен за настап.
„Неимар е повреден и физички не е способен да одигра ниту минута во моментов“, изјави италијанскиот стратег.
Дополнителни реакции предизвикува и фактот што Бразилската фудбалска федерација не открива повеќе детали за природата и тежината на повредата. Во јавноста се објавуваат само кратки информации, додека Анчелоти избегнува подетално да зборува за состојбата на фудбалерот.
Следниот предизвик за Бразил е натпреварот против Хаити, по кој би можело да стане појасно дали Неимар ќе биде подготвен за настап во елиминациската фаза од турнирот.
Сепак, меѓу навивачите расте стравот дека повредата е посериозна отколку што официјално се соопштува и дека закрепнувањето на бразилската ѕвезда може да потрае подолго од очекуваното.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












