Дипломираната физиотерапевтка и сертифициран терапевт за традиционална тајландска масажа Меланија преку емотивно видео објавено на својот Инстаграм профил упати јавен апел до надлежните институции, тврдејќи дека со години нејзиното семејство живее во услови на страв, семејно насилство и недоволна институционална реакција.
Меланија посочува дека досега на социјалните мрежи најчесто споделувала содржини поврзани со здравјето, холистичкиот пристап и духовниот развој, но овојпат решила јавно да проговори за, како што вели, долгогодишната лична борба.
„Не барам да бидам сожалувана, не барам коментари и поддршка од луѓето. Барам институциите да ме слушнат и да ми помогнат“, порача таа во видеото.
Според нејзиното сведоштво, таа живее заедно со својата мајка, баба и брат кој има церебрална парализа, со лице за кое тврди дека подолг период е во состојба на алкохолизираност, има психијатриска дијагноза и претходно било лекувано во психијатриски установи.
Меланија наведува дека семејството повеќепати се обраќало до полицијата и здравствените институции, но дека, според неа, не добиле соодветна помош. Како причини што им биле посочувани ги наведува недостатокот на слободни места во психијатриските установи или неисполнувањето услови за принудно лекување.
Таа тврди дека семејството со години живее со закани, психолошки притисок и чувство на несигурност, а ситуацијата е дополнително тешка поради состојбата на нејзиниот брат, кој користи инвалидска количка и поради тоа имаат ограничени можности за напуштање на домот и обезбедување алтернативно сместување.
„Не мора да има жртви за некој да нè слушне. Не мора да бидеме убиени или тешко повредени за системот да реагира“, порача Меланија.
Таа побара институциите итно да постапат и јавно постави прашање која институција е надлежна да реагира во ситуации кога лице со сериозни психички нарушувања и зависност од алкохол претставува потенцијален ризик за своето семејство.
Меланија нагласи дека не сака институциите да реагираат откако ќе се случи трагедија, туку бара навремена заштита и конкретни мерки за нејзиното семејство.
Случајот повторно ја отвора темата за ефикасноста на системот за заштита од семејно насилство, достапноста на психијатриската грижа и механизмите за навремена интервенција во ситуации каде што постои ризик за безбедноста на граѓаните.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












