СДСМ денеска на најавена прес-конференција започна да ги објавува, како што наведуваат од партијата, „скандалите поврзани со криминалот на Владата на Мицкоски“.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, изјави дека ова е првиот од серија случаи што ќе ги презентираат. Според него, фирмата „Дигитал оне“, основана кон крајот на август минатата година и со само двајца вработени, за една година добила тендери во износ од речиси девет милиони евра. Сите договори биле склучени со државни институции во периодот од мај 2025 до ноември 2025 година.
„Фирма без историја, без искуство и без портфолио – регистрирана за трговија со информатичка и комуникациска опрема – добива речиси 9 милиони евра за само шест месеци, или околу 1,5 милион евра месечно“, изјави Димитријевиќ.
Тој посочи дека компанијата е основана од „извесен Кристијан Арсовски“ и има само двајца вработени. Од шесте државни тендери што ги добила, четири биле со Генералниот секретаријат на Владата. Последниот договор, како што рече, бил рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа, вредна 8 милиони евра.
„Како е можно фирма со двајца вработени за толку кратко време да добие речиси 9 милиони евра? Дали Кристијан е во роднински врски со поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Димче Арсовски?“, запраша Димитријевиќ.
Тој ги повика Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК итно да реагираат и да отворат истрага.
„Ова е истиот криминален систем, истата шема на Никола Груевски кој 11 години ја ограбуваше државата, при што два милијарди евра беа испумпани од граѓаните – нешто што целата јавност го слушна во бомбите. Мицкоски е само негов ученик и извршител“, додаде тој.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












