Македонија испиша нова страница во заштитата на своето природно богатство. Македонскиот рубин официјално е заштитен како национален полускапоцен камен, со што државата за првпат добива официјално заштитен минерален симбол од ваков вид.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска соопшти дека е заокружен процесот на институционална заштита на македонскиот рубин, минерал кој претставува непроценлив дел од природното, геолошкото и културното наследство на Македонија.
„Го заштитивме македонскиот рубин. Денес државата добива нешто автентично македонско, официјално признаено и заштитено. Му благодарам на Геолошкиот завод за посветената работа и соработката во целиот процес. Ова е само почеток – продолжуваме со заштита и на други уникатни минерални богатства, меѓу кои и одредени видови македонски мермер“, изјави министерката Божиновска.
Со оваа одлука, македонскиот рубин добива статус на заштитено национално минерално наследство, а Република Македонија го добива својот прв официјално заштитен минерален симбол – уште едно обележје на националниот идентитет и природното богатство на државата.
Процесот на заштита на македонскиот рубин, имајќи предвид дека станува збор за првиот минерал што во државата се заштитува на ваков начин, претставуваше комплексен потфат кој бараше исклучителна посветеност, стручност и координација на повеќе институции и експерти. Особен придонес во реализацијата на оваа иницијатива дадоа директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов, и стручниот тим на Заводот, кои во континуирана и непосредна соработка со Министерството активно работеа на подготовката на потребната стручна документација и успешното заокружување на целокупната постапка. Дејан Шкартов – Деко, долгогодишен промотор, преработувач и еден од најпосветените чувари на традицијата на уникатниот македонски рубин, даде несебичен придонес и покажа висока општествена одговорност, ставајќи го јавниот интерес пред личниот и доброволно отстапувајќи од претходно стекнатите права, со цел македонскиот рубин да добие државна заштита и да стане национално добро достапно за сите граѓани и идните генерации.
Во рамки на Министерството, под водство на министерката Сања Божиновска, во процесот активно беа вклучени државниот советник за рударство Филип Петровски, државниот советник за координација и стратешка комуникација Анита Петровска Рајковиќ, како и правниот тим на Министерството, кои преку својот професионален ангажман и посветена работа дадоа значаен придонес за успешната реализација на оваа иницијатива од национален интерес.
Овој значаен успех не би бил можен и без исклучителната соработка со Државниот завод за индустриска сопственост. Министерството изразува особена благодарност до директорот Елјеса Незири, кој ја препозна националната важност на иницијативата и даде силна институционална поддршка за нејзино реализирање, како и до сите вработени во Заводот кои со својата стручност, посветеност и професионален ангажман, во партнерство со Министерството, работеа на подготовката на неопходната документација и успешното завршување на постапката.
Ова е уште една потврда дека преку заедничка работа, меѓусебна доверба и координација меѓу институциите, Македонија може успешно да ги препознае, заштити и промовира своите национални богатства и вредности. Заштитата на македонскиот рубин не е само административен чин, туку пример како институционалното единство и професионалниот пристап создаваат трајно наследство и придонесуваат кон афирмацијата на македонскиот идентитет и природни богатства во земјата и надвор од неа.
Македонскиот рубин претставува геолошки и естетски уникат. Станува збор за корунд со препознатлива малиново-розева боја, создадена поради присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата посебност лежи и во фактот што се среќава исклучиво во околината на Прилеп и планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално.
Покрај својата исклучителна минералошка, естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин е дел од културното и историското наследство на земјата и претставува симбол на природната убавина, автентичноста и националната гордост.
Процесот за негова заштита започна во септември 2025 година, а со донесеното решение успешно е заокружена постапката за негово официјално признавање и институционална заштита. Овој успех е доказ дека кога институциите, стручната јавност и поединците кои искрено ги вреднуваат македонските природни богатства работат заедно, можат да се создадат трајни вредности од национално значење и да се зачува и афирмира она што ја прави Македонија единствена.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на заштитата, промоцијата и одржливото управување со македонските минерални ресурси, со цел зачувување на природното наследство и негово афирмирање како национална и меѓународна вредност.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












