Од 30 ноември низ цела Грција се очекува нова голема мобилизација на земјоделците, кои најавуваат излегување со трактори на автопатите. Причина се доцнењето на субвенциите и зголемените трошоци за производство, а во игра е и сценарио за блокирање гранични премини и пристаништа – што може директно да влијае на регионот и на сообраќајот кон Северна Македонија.
Одлуката за заострување на протестите е донесена на состанок во Лариса, организиран од Грчкиот координативен комитет за блокади, каде присуствувале претставници на земјоделските здруженија од целата држава. Според утврдениот план, протестите ќе стартуваат на 30 ноември и ќе се интензивираат до 5 декември, со поставување трактори и механизација на клучни патишта и локации. Тежината на мерките ќе ја одредуваат локалните здруженија, зависно од бројноста и поддршката што ја имаат во секој регион.
Земјоделците бараат не само исплата на заостанатите субвенции, туку и финансиска поддршка за дел од покачените трошоци, за кои велат дека им го намалуваат цел профит. Нивните барања вклучуваат и стабилни, загарантирани цени и сигурен откуп на производите, бидејќи постојаните ценовни промени и неизвесниот пласман им ја прават секоја сезона ризична.
Најгласни се земјоделците од Тесалија, кои најавуваат можност за заедничко блокирање на автопатот Атина–Солун – најважната транспортна артерија во земјата. Доколку овој чекор се реализира, последиците ќе ги почувствува и регионалниот сообраќај: камионите кои превезуваат стока кон Балканот ќе се соочат со застои, што ќе ги зголеми транспортните и логистичките трошоци.
Во основата на протестите стои поголема криза околу исплатата на субвенциите. Месеците наназад земјоделците укажуваат на големи доцнења во распределбата на европските и државните средства, делумно поради скандали со злоупотреби и лажни пријави за земјиште. Додека државата спроведува ревизии и расчистува стари нерегуларности, редовните производители велат дека остануваат без пари за подготовка на следната сеидба.
Според најавите, протестите ќе се одвиваат постепено – најпрво локални блокади и предупредувачки акции, а потоа и поостри чекори ако Владата не понуди јасен план за исплата и мерки за намалување на трошоците. За владата, која веќе се соочува со повеќе социјални и економски предизвици, ова претставува уште еден сериозен тест.
Од регионален аспект, најавата дека можни цели ќе бидат гранични премини и пристаништа не е безначајна. Секој подолг прекин на транспортот преку грчките коридори може да создаде застои за компаниите од Северна Македонија и соседството, како и дополнителни притисоци врз цените на храната и енергенсите во период на веќе изразени инфлаторни притисоци.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












