Во јужна Италија се случи трагичен инцидент кој ги потресе локалните власти и јавноста, откако во запаленo возило беа пронајдени четири безживотни тела.
Пеплосаните тела на четворица мажи беа откриени во комбе кое изгорело на бензинска пумпа во близина на градот Амендолара, во регионот Калабрија. Пожарот бил пријавен во понеделник околу 13 часот, по што на местото на настанот веднаш интервенирале противпожарни и полициски служби.
Според првичните информации од истрагата, постои сомнеж дека жртвите се мигранти од Пакистан, кои наводно биле вработени како сезонски земјоделски работници на блиски фарми во регионот. Овој дел од Италија е познат по ангажирање на работници од Азија во земјоделскиот сектор, каде што често се соочуваат со тешки услови за работа и ниски плати.
Телата биле пронајдени откако пожарникарите целосно го изгаснале огнот, а областа околу бензинската пумпа веднаш била обезбедена од полицијата. Околностите под кои дошло до смртта на четворицата мажи засега остануваат неразјаснети, а истражителите разгледуваат повеќе можни сценарија.
Италијанската новинска агенција АНСА, повикувајќи се на извори блиски до истрагата, објави дека не се исклучува можноста жртвите да биле убиени, по што возилото било запалено. Полицијата во меѓувреме ги прегледува снимките од безбедносните камери од бензинската пумпа со цел да се утврди што точно се случило.
Амендолара, мало место со околу 3.000 жители, се наоѓа во регионот Калабрија, област која е позната и по активностите на организираната криминална група „Ндрангета“, што дополнително ја засилува чувствителноста на случајот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












