Премиерот Христијан Мицкоски најави дека идниот Клинички центар во Скопје треба да прерасне во современ здравствен комплекс кој ќе нуди услуги не само за граѓаните на Македонија, туку и за пациенти од соседните земји.
Како најсериозна локација за реализација на проектот се разгледува просторот во близина на базенот „Борис Трајковски“ во Општина Карпош. Според Мицкоски, во тек се разговори со сопственикот на земјиштето со цел државата да ја преземе парцелата и да се создадат услови за почеток на проектот.
„Преговараме дали може да се најде соодветна замена, државата да ја добие таа парцела, а потоа со специјален закон да се промени нејзината намена“, изјави премиерот.
Тој посочи дека локацијата има повеќе предности, меѓу кои добра сообраќајна поврзаност, пристап до гасоводната мрежа и близина до обиколницата, што овозможува развој на модерен медицински комплекс.
Во рамки на проектот се планира и изградба на подземен премин под булеварот „Илинденска“, кој ќе ги поврзе новиот Клинички центар, Градската општа болница „8 Септември“ и поликлиниката „Букурешт“.
Според Мицкоски, целта е на оваа локација да се создаде интегриран здравствен центар со современа инфраструктура и напредна медицинска опрема, што ќе овозможи поквалитетни здравствени услуги и подобри услови за работа на медицинскиот персонал.
Премиерот изрази очекување дека изградбата на новиот Клинички центар би можела да започне во текот на следната година, доколку се завршат сите неопходни подготовки и административни процедури.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












