Веќе и официјално, Роџерс Мато повеќе не е фудбалер на Вардар. Напаѓачот кој беше еден од најдобрите играчи во есенскиот дел од актуелната сезона во македонското првенство ја продолжува кариерата во Шкотска, каде што потпиша договор со Хартс.
Трансферот на Мато беше најавуван во изминатите неколку недели, а сега и официјално е потврден од шкотскиот клуб. Фудбалерот се наоѓа во Единбург, каде што ги помина лекарските прегледи и го стави потписот на договорот со тимот кој моментално е лидер во шкотското првенство.
Мато зад себе има одличен настап во дресот на Вардар, постигнувајќи 12 гола во есенскиот дел од сезоната. По завршувањето на првиот дел од првенството, тој настапи и на Африканскиот куп на нациите со репрезентацијата на Уганда, каде што успеа да се запише и во листата на стрелци.
Со трансферот во Хартс, Мато прави значаен чекор напред во кариерата, приклучувајќи се на тим кој има реални шанси да ја прекине долгогодишната доминација на Ренџерс и Селтик во шкотското првенство. Овие два клуба ги имаат поделено сите шампионски титули во последните 41 година.
Тренерот на Хартс, Дерек Мекинес, најави дека постои можност Мато да биде во составот за наредниот натпревар против Данди јунајтед на гости. Сепак, мали се шансите за негов настап, бидејќи повеќе од еден месец е без натпреварувачки ритам и без континуирани тренинзи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












