Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам при Министерство за внатрешни работи поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против 20-годишен жител на Мала Речица, осомничен за кривично дело „тероризам“.
Истовремено, до ОЈО Тетово е поднесена пријава против 89-годишно лице за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“.
Според информациите од МВР, осомничениот К.Х. (20) на крајот на јануари преку социјалната мрежа Discord упатил закани дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје. Во пораките навел дека има нарушено психичко здравје и како инспирација посочил масакр што се случил на 14 декември 2012 година во основно училиште во САД.
По добиени информации од Амбасада на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Дискорд“ профил лоциран во земјава, од кој биле упатени заканите, МВР во координација со ОЈО ГОКК презело мерки за идентификација на сторителот.
На 17 февруари 2026 година, по утврдување на корисничката адреса, полициски службеници од Секторот за борба против тероризам, со асистенција од САЕ „Тигар“ и во координација со ОЈО ГОКК, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица, тетовско.
При претресот биле пронајдени и одземени повеќе парчиња огнено оружје, муниција, тактичка опрема, ножеви и електронски уреди. Надлежните институции продолжуваат со постапката и дополнителните вештачења.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












