Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска обвини дека СДСМ, Левица и ДУИ намерно го попречуваат донесувањето на новиот Изборен законик, поради, како што рече, страв од слаб изборен резултат.
Манасиевски на прес-конференција посочи дека политичките партии со месеци работеле на усогласување на реформскиот закон, но според него, опозициските партии одлучиле да го блокираат процесот и да создадат забуна во јавноста.
„Иако со месеци се работеше на постигнување консензус, опозицијата избра да го опструира процесот и да го блокира донесувањето на Изборниот законик“, изјави Манасиевски.
Тој оцени дека Левица го попречила договорот за да има оправдување за евентуален слаб изборен резултат, додека за СДСМ тврдеше дека го кочи процесот со поднесување околу 10.000 амандмани и несогласување со електронското гласање на дијаспората.
Според него, во блокадата се приклучила и ДУИ со барањето одлуките во Државната изборна комисија да се носат со консензус, наместо со мнозинство.
„ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа дека ќе прифати сè што ќе договорат опозициските партии, само да се олесни начинот на гласање на дијаспората“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот пристап покажува дека за опозицијата приоритет не се интересите на иселениците, туку партиските пресметки.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












