Со тензична атмосфера и неочекуван развој започна првото рочиште од судскиот процес против Трајко Бојковски, обвинет за серија убиства и обиди за убиства на повозрасни жени во кумановскиот регион.
На почетокот на судењето во Основниот кривичен суд во Куманово, обвинетиот не воспоставил никаква комуникација со судот. Тој не го погледнал судијата, туку постојано гледал кон таванот и не одговорил ниту на прашањето за утврдување на неговиот идентитет, објави 4news.mk.
Поради ваквата ситуација, судијата одредил десетминутна пауза за да се процени дали постојат услови постапката да продолжи. За време на паузата, Бојковски ја спуштил главата, ги ставил рацете на слепоочниците и продолжил да молчи.
Во судницата присуствувале и членови на семејствата на жртвите, од кои дел реагирале дека обвинетиот, според нив, „се преправа“. Негов бранител е адвокатот Драган Трајковиќ.
На рочиштето присутни беа и полномошниците на семејствата на оштетените – Јанка Антевска, Мира Станковска, Марија Мариновска и Росанка Трајковска.
Обвинителството во Куманово на 19 јуни поднесе обвинителен акт против Бојковски од Старо Нагоричане, кој се товари за четири убиства и два обиди за убиство на повозрасни жени. За делата што му се ставаат на товар е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Според Обвинителството, психијатриските вештачења извршени во текот на истрагата покажале дека кривичните дела биле сторени од ниски побуди.
Обвинението ги опфаќа убиствата во селата Клечовце, Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек, како и два случаи на обид за убиство.
Бојковски беше спроведен од притвор во судницата, а по паузата судот треба да одлучи дали и под кои услови ќе продолжи судската постапка.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












