Исчезнувањето на 58-годишниот Тони Герардо во областа на загрепскиот Кватриќ е пријавено на 22 февруари 2022 година.
И никој во тој момент не помислил дека две години подоцна загрепските криминалисти ќе откријат дека емажот, инаку во Дубровник познат како Тонко Зец, е убиен и дека за убиството се осомничени две лица – В.Т. (57) инаку државјанин на Германија кој е странец со постојано живеалиште во Хрватска и 61-годишната М.Ш. Обвинети се за убиство од користољубие.
Полицијата открила дека 61-годишната жена имала за цел да прибави значителна материјална корист за себе, но и за нејзиниот 57-годишен поранешен сопруг. Сето тоа се одвивало од втората половина на декември 2021 година до првата половина на јануари 2022 година, кога досетливата дама почнала да го спроведува пеколниот план. Таа фалсификувала лажни документи врз основа на кои во јануари и февруари 2022 година, како полномошник на Тони Герардо, го продала неговиот деловен простор во Дубровник на трети лица за 400.000 евра.
Полициските службеници се сомневаат и дека од 22.02.2022 година до 12.03.2022 година, кога 58-годишниот веќе бил пријавен за исчезнат, двајцата осомничени ја намамиле жртвата во изнајмен стан во месноста Света Недеља, со намера да го убијат.
– Во споменатиот стан, на засега неутврден начин го убиле 58-годишниот маж за да ја прикријат продажбата на неговиот недвижен имот и да ја задржат значителната имотна корист од 400.000 евра, која ја поделиле меѓу себе. По завршувањето на кривичната истрага, полициските службеници во законскиот рок ги предале осомничените на надзорникот на притворот, додека кривичната пријава, како што соопшти Јавното обвинителство на Загреб, е поднесена до Жупаниското државно обвинителство во Велика Горица.
На ред се обвинителите кои треба да ги сослушаат осомничените, а со оглед на кривичното дело најверојатно на дежурниот истражен судија ќе му предложат едномесечен притвор.