Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија увид на теренот каде се одвиваат градежните активности на булеварот „Македонија“, проект со кој Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
„Се работи и навечер, скопјани заслужуваат модерен град. Десетици камиони и градежни машини се ангажирани дури и кога сообраќајот е намален, за да не се создаваат дополнителни гужви“, изјави Орце Ѓорѓиевски, додавајќи дека ваквата практика ќе продолжи и во наредниот период.
Според него, проектот кој долго време бил во застој, сега добива јасна временска рамка и нов импулс. Иако третата фаза – подземната сообраќајница – е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција ќе биде можно по реализација на сите фази.
„Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни ленти за значително подобрување на проточноста“, додаде градоначалникот.
Градежните активности ги опфаќаат булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и дел од булеварот „Македонија“ до приклучокот со „Борис Трајковски“. Предвидено е проширување на улицата „Пролет“ со дополнителна коловозна лента, а раскрсницата ќе биде уредена со сообраќајни острови за зголемување на безбедноста.
На дел од трасата ќе се воведе еднонасочен режим, а на раскрсницата меѓу „Борис Трајковски“ и „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови семафори. Во наредните фази се планира изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот помеѓу „Кочо Рацин“ и „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
Паралелно со коловозната инфраструктура се изведува и атмосферска канализација со поставување повеќе од 60 шахти и сливници. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен сообраќај и две за јавен превоз, како и пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот и подобрување на сообраќајната проточност во централното градско подрачје.
„Ова е ново поглавје во развојот на Скопје. Со современи инфраструктурни решенија правиме одлучен чекор кон функционален и европски град“, порача градоначалникот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












