Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии. Ова денеска од собраниска говорница го рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Покрај тоа, премиерот рече и дека Уставниот суд ќе ја укине и одредбата за платите на судиите и обвинителите, со што нивните примања енормно ќе се покачат.
Според Мицкоски, одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите веќе е потпишана од страна уставната судијка Добрила Кацарска, која пред Уставниот суд ја иницираше оваа постапка, за оцена на уставноста на последните законски измени со кои пензионерите добија по илјада денари линеарно зголемување во септември, а исто толку треба и во март идната година.
Мицкоски од собраниската говорница ја нарече судијката Кацарска како архетип на неправдата во судството, но не спомнувајќи го директно нејзиното име.
„Точно е дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за која сите зборуваме и која е архетип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, што беше вториот столб на тој архетип на судството едно време, и која соучествуваше во онаа чанта од брендот ‘Луј Витон‘, се тие на кои денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите“, рече тој.
Посочи дека според последните информации со кои располага, судијката на Уставниот суд ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите.
„Последните информации се дека одлуката е донесена, дека е потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени со Законот што претходно важеше“, кажа премиерот.
Поради оваа иницијатива, на оваа судијка што е дел од Уставниот суд, според него, тоа подразбира дека 70 отсто од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец.
Според него, ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а додаде дека нема да се зачуди доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












