Лажни „црковни претставници“, кои носат беџови со име на црквата „Свети Спас“ во Драчево, шетаат од зграда во зграда, од влез во влез, од стан во стан, и бараат донации за хендикепирани деца.
Хуманитарната организација „Свети Спас“, од Скопје, објави на нејзиниот профил на Фејсбук дека лицата лажеле дека се претставници на црквата и на оваа хуманитарна организација.
Измамниците го злоупотребувале името на црквата. Тие оделе низ Скопје по куќи, со слика од црквата „Свети Спас“, и барале финансиска помош за „хендикепирани дечиња“ за Велигден.
„Направиле дури и лажни беџови, а имале и наши слики (најверојатно од Фејсбук). Сите, кои ќе дојдат во вашите домови и во наше име ќе бараат каква било помош, се измамници кои го злоупотребуваат нашето име“, напиша свештеникот Оливер на Фејсбук
Организацијата ги советува граѓаните да повикаат полиција доколку измамниците дојдат кај нив.
Тие објавија и фотографии од лице кое покажува беџ со името на „Свети Спас“, но без да се види лицето, и ги замолуваат лицата кои ќе бидат контактирани од нив веднаш да се јават во полиција.