Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека одлуката за евентуално продолжување на конфликтот со Иран ќе зависи од американскиот претседател Доналд Трамп, изразувајќи сомнеж дека е можно брзо постигнување дипломатско решение со Техеран.
Во интервју за американската телевизија АБЦ, Нетанјаху посочи дека САД остануваат „клучен партнер“ на Израел и дека Трамп е тој што ја определува американската стратегија.
Израелскиот премиер негираше дека се обидел да го убеди Трамп да продолжи со воените напади врз Иран за време на нивната средба во Белата куќа оваа недела.
Како што изјави, на средбата биле разгледувани неколку можни сценарија за завршување на конфликтот – продолжување на преговорите со Техеран, задржување на блокадата на Ормускиот теснец или започнување нова воена операција. Сепак, конечната одлука, според него, му припаѓа на американскиот претседател.
Нетанјаху изрази недоверба во подготвеноста на Иран за договор, оценувајќи дека Техеран можеби се обидува да добие време и покрај притисоците со кои се соочува.
Тој оцени дека Иран е послаб од кога било, но призна дека и покрај воените дејствија во изминатиот период, иранскиот режим не е соборен.
Нетанјаху повтори дека главна цел на Израел останува спречувањето на Исламската Република да развие нуклеарно оружје, за што, според него, постои заеднички став со Доналд Трамп.
Говорејќи за Ормускиот теснец, израелскиот премиер оцени дека неговото стратешко значење во иднина може да се намали поради развојот на нови енергетски коридори кон Црвеното Море и Средоземното Море.
Нетанјаху предупреди дека Израел ќе одговори жестоко на секој нов напад од Иран.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












