Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 44-годишен жител на Скопје, осомничен за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“, откако ги запалил двете дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во главниот град.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 15 јуни на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кога осомничениот со своите постапки предизвикал опасност за безбедноста на граѓаните и за имот од поголем обем.
Истрагата покажала дека осомничениот најпрво со автобус пристигнал во центарот на Скопје, а потоа на бензинска пумпа во близина купил бензин кој го ставил во пластично шише. По ова се упатил кон дипломатските возила паркирани пред Амбасадата на Бугарија, ги полеал со запаливата течност и ги запалил со запалка.
По предизвикувањето на пожарот, осомничениот веднаш го напуштил местото на настанот, додека надлежните служби започнале истрага за расчистување на случајот.
Јавниот обвинител смета дека постојат законски основи за определување мерка притвор, имајќи ја предвид сериозноста на делото, фактот што станува збор за дипломатски возила, како и околноста дека инцидентот се случил среде ден во еден од најфреквентните делови на градот.
Поради тоа, до Основниот кривичен суд во Скопје е поднесен предлог за определување притвор за осомничениот додека трае кривичната постапка.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












