Македонската машка кошаркарска репрезентација запиша вредна победа на гостински терен во вториот натпревар од претквалификациите за Евробаскет 2029 година. Во Даблин, избраниците на селекторот со голема борба ја совладаа Ирска со резултат 76–68, откако подобро го издржаа напорниот финиш на мечот.
Средбата започна во знак на домаќинот, кои уште во првите минути направија серија од осум поени и ја контролираа играта во првата четвртина. Ирците го завршија воведниот период со предност од 27–20, а на средината на вториот дел стигнаа и до двоцифрено водство (35–25). Сепак, нашите репрезентативци ја стабилизираа играта, го намалија заостанувањето и на одмор заминаа со минимална предност од 42–40.
Во третата четвртина двете селекции често се менуваа во водство, а Ирска го дочека последниот период со предност од 62–60. Македонија го отвори решавачкиот дел со низа од шест поени, но домаќинот возврати со серија од 7–0 и повторно поведe (69–66). Мекиќ и Вајли донесоа нова предност за нашите (73–71), по што македонската селекција веќе не дозволи пресврт. Мекиќ беше прецизен од линијата за слободни фрлања во завршницата, а тимот успешно го спречи последниот напад на мотивираните Ирци.
Во продолжение на претквалификациите, Македонија ќе одигра уште два натпревари кон крајот на февруари и почетокот на март следната година. Прв ривал ќе биде Луксембург, кој има два триумфа досега, а потоа следи гостување кај Азербејџан.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












