Реал Мадрид продолжи да се мачи во Примера и остана без победа во последните три кола. Во 14-то коло, на гостувањето кај Џирона, „кралскиот клуб“ одигра 1:1 со домаќинот. Со овој резултат, лидерската позиција сега му припаѓа на Барселона, додека Реал заостанува еден бод зад Каталонците. Виљареал е на третото место со бод помалку од Реал, а Атлетико Мадрид има два бода помалку.
Последната победа на Реал Мадрид во Примера беше на 1 ноември, кога со 4:0 го совлада Валенсија. По тоа следуваа три реми натпревари: 0:0 со Рајо Ваљекано, 2:2 со Елче и вечерва 1:1 со Џирона.
Килијан Мбапе постигна гол во 40-та минута, но истиот беше поништен поради играње со рака. Џирона возврати пет минути подоцна, кога Азедин Унахи од работ на шеснаесетникот го совлада Тибо Куртоа.
Во 57-та минута, Џирона имаше шанса да го дуплира водството, но ударот на Владислав Ванат беше сопрен од Куртоа. Набрзо по тоа, судијата досуди пенал за Реал, а Мбапе во 67-та минута го израмни резултатот.
Гостите нападнаа со сите сили до крајот, но безуспешно. Жоел Рока во 84-та минута се најде во добра позиција, но Куртоа ја зачува мрежата, а Мбапе имаше последен обид, кој заврши малку покрај стативата на Паоло Газанига.
Во следното коло, Реал ќе гостува кај Атлетик Билбао, додека Џирона, која е 18-та со 12 бода, ќе го пречека Елче.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












