Извршниот директор и издавач на „Вашингтон пост“, Вил Луис, се повлекува од функцијата, само неколку дена по големите отпуштања во компанијата која важи за еден од столбовите на американското новинарство и е во сопственост на Џеф Безос.
Одлуката доаѓа по најавата за план за отпуштање на околу 300 од вкупно 800 новинари, што предизвика силни реакции во јавноста и во редакцијата. Сето тоа се случува во период кога се зборува за сè поблиски односи меѓу сопственикот на весникот, основачот на „Амазон“ Џеф Безос, и американскиот претседател Доналд Трамп, кој по враќањето на власт повторно ги напаѓа традиционалните медиуми.
Во порака до вработените, Вил Луис наведе дека по две години трансформација на „Вашингтон пост“ смета дека е вистински момент да се повлече од позицијата. Него ќе го наследи Џеф Д’Онофрио, кој од минатата година ја извршува функцијата главен финансиски директор на весникот.
„Вашингтон пост“, познат по откривањето на аферата Вотергејт и добитник на повеќе Пулицерови награди, веќе неколку години се соочува со финансиска и организациска криза. Луис беше донесен со задача да ја стабилизира работата на медиумот и да обезбеди негова долгорочна одржливост.
За време на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп, весникот бележеше солидни резултати благодарение на влијателното и критичко известување. По неговото заминување од Белата куќа, интересот на читателите опадна, а финансиските резултати почнаа да се влошуваат.
Според медиумските извештаи, „Вашингтон пост“ работи со загуба веќе неколку години, а дополнителен пад на претплатниците бил забележан кога раководството одлучило да не поддржи ниту еден кандидат пред претседателските избори во 2024 година.
Луис изјави дека под негово водство биле донесени тешки, но неопходни одлуки со цел да се обезбеди одржлива иднина на весникот и да продолжи да испорачува квалитетни и непартиски вести.
Меѓу отпуштените има и голем број странски дописници, вклучително и новинарите кои известувале од Блискиот Исток, Русија и Украина. Сериозно погодени се и редакциите за спорт, книги, подкасти, локални вести и инфографика, од кои некои се речиси целосно укинати.
Дел од новинарите остро реагираа на мерките. Новинарот Бен Браш изјави дека отпуштањата се срамни, посочувајќи дека сопственикот Џеф Безос, како еден од најбогатите луѓе во светот, би можел да го одржува весникот и со финансиска загуба.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












