Соединетите Американски Држави и Иран електронски потпишале меморандум за разбирање со кој, според наводите, започнува процесот за прекин на воените дејствија и нормализација на односите меѓу двете земји. Според американски извори, документот веќе стапил во сила и бил потпишан од претседателот Доналд Трамп, додека официјалната церемонија е најавена за петок во Швајцарија.
Меморандумот предвидува итен и траен прекин на воените операции меѓу САД и Иран, како и нивните сојузници, вклучително и на фронтовите поврзани со Либан. Во документот се наведува дека двете страни се обврзуваат да се воздржат од нови воени акции, закани и употреба на сила.
Една од клучните точки е повторното отворање на Ормутскиот Теснец, преку кој се одвива значителен дел од светската трговија со нафта. Според договореното, Вашингтон постепено ќе ја укинува поморската блокада кон Иран, додека Техеран ќе гарантира безбеден премин за трговските бродови во наредните 60 дена.
Документот вклучува и економски мерки, меѓу кои подготовка на план за економска обнова на Иран вреден најмалку 300 милијарди долари, како и постепено укинување на американските и меѓународните санкции. Предвидено е и деблокирање на дел од замрзнатите ирански средства.
Нуклеарната програма останува едно од најчувствителните прашања. Иран повторно потврдил дека нема да развива нуклеарно оружје, а во следните 60 дена ќе се водат разговори за иднината на програмата и за резервите од високо збогатен ураниум под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Американски и ирански претставници во петок треба да се сретнат во Швајцарија, каде ќе започнат разговори за конечен мировен договор со кој трајно би се регулирале односите меѓу Вашингтон и Техеран.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












