Министерството за правда на САД го објави новото обвинение против венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговите сопруга и син.
Според обвинението, Мадуро и неговите сојузници ги претвориле венецуелските институции во центар на корупција поттикнат од трговијата со дрога. Американското министерството за правда тврди дека венецуелската влада со децении била вклучена во масовна трговија со дрога.
Оваа корупција „ги полни џебовите на венецуелските функционери и нивните семејства, а истовремено им користи на насилните наркотерористи кои дејствуваат неказнето на венецуелска почва и кои помагаат во производство, заштита и транспорт на тони кокаин во Соединетите Држави“, се наведува во документот.
„Повеќе од 25 години, венецуелските лидери ги злоупотребуваа своите позиции на јавна доверба и ги корумпираа некогаш легитимните институции за да увезат тони кокаин во Соединетите Американски Држави“, се наведува во обвинението, во кое Мадуро е именуван како главен организатор.
„Николас Мадуро кој е на чело на оваа корупциска шема, се здружил со своите соучесници за да ја искористи нелегално стекната власт за да транспортира илјадници тони кокаин во САД“, стои во обвинението.
Според американските обвинители, Мадуро бил вмешан во шверц на кокаин уште од раните денови на неговата политичка кариера, прво како пратеник, потоа како министер за надворешни работи и како претседател на Венецуела. Во обвинението се тврди дека тој го олеснувал транспортот на дрога под заштита на државата, им издавал дипломатски пасоши на дилери на дрога и обезбедувал непречен премин на авиони и бродови со дрога.
Според обвинението, Венецуела со години служела како клучен центар за трговијата со кокаин, а американските власти проценуваат дека помеѓу 200 и 250 тони дрога поминувале низ таа земја годишно. Кокаинот се испорачува од Венецуела до САД преку поморски патишта низ Карибите и по воздушен пат од тајни и официјални аеродроми контролирани од корумпирани воени и владини претставници.
Во документот се наведува дека владата на Мадуро соработувала со голем број наркотерористички организации, вклучувајќи ги колумбиските герилски групи ФАРК и ЕЛН и мексиканските картели како што се Синалоа и Зетас, како и озлогласената венецуелска криминална мрежа Трен де Арагва. Според обвинението, овие групи имале слобода да дејствуваат на венецуелска територија во замена за пари, оружје и политичка заштита.
Неговата сопруга Силија Флорес е обвинета за примање мито и учество во организацијата за шверц, додека нивниот син Николас Мадуро Гера наводно е директно вклучен во испраќање пратки кокаин, вклучително и планови за шверц на дрога во Њујорк и Мајами.
Американското обвинителство ги товари Мадуро и другите обвинети за наркотероризам, заговор за увоз на кокаин во САД и поседување тешко оружје, вклучувајќи митралези и експлозивни направи. Во обвинението се бара и конфискација на имот стекнат преку трговија со дрога и оружје, а се наведува дека обвинетиот дејствувал како организирана криминална структура во самата држава.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












