Опозициската СДСМ ја обвини власта дека во време на економска криза и раст на трошоците за живот, троши средства за луксуз наместо за зголемување на платите на работниците.
Од партијата посочуваат дека додека „граѓаните едвај врзуваат крај со крај“, а синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, функционерите се насочени кон набавка на авион, мебел, нови возила и уредување на кабинети.
Од СДСМ нагласуваат дека нивниот предлог-закон за минимална плата од 600 евра е ставен на дневен ред во Собранието и ја повикуваат власта да го поддржи.
„Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го“, се наведува во соопштението.
Партијата смета дека средства за оваа мерка може да се обезбедат преку ребаланс на буџетот и пренамена на средства од, како што велат, непродуктивни трошоци како набавки и репрезентации.
„Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, порачуваат од СДСМ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












