Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека граѓаните „за првпат по многу години ќе користат вода која е целосно бактериолошки исправна“.
Од СДСМ прашуваат што значи тоа „за првпат“ и тврдат дека со оваа изјава премиерот признал дека во изминатите две години, додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, водата во Гостивар не била исправна.
„Значи две години знаеле. Две години молчеле. Две години ги изложувале граѓаните на ризик“, наведуваат од опозициската партија.
Од СДСМ посочуваат дека состојбата, според нив, сè уште не е целосно решена и дека самиот Мицкоски признал оти по процесот на хиперхлорирање била појавена нова бактерија.
Тие реагираат и на најавите од министерот за здравство Азир Алиу дека водата ќе биде безбедна за пиење до крајот на неделата, додавајќи дека очекуваат тоа да се потврди со конкретни резултати.
Од партијата бараат и објавување на документите за тоа кој ја прогласил водата за технички исправна за капење, посочувајќи дека граѓаните ја користеле во такви услови.
„Гостивар не е изолиран случај. Проблеми со неисправна вода има во десетици градови низ Македонија. Ова е системски колапс кој трае две години“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека власта не може да се претставува како спасител на проблем што, како што тврдат, сама го дозволила.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












