Полицијата во Копер истражува сериозен случај на масовна кражба и сквернавење на гробови на гробиштата во Шкофије и Свети Антон, каде што се оштетени вкупно 110 гробни места. Штетата, според првичните проценки, веќе надминува 20.000 евра, објави Н1 Словенија.
Од Полициската управа Копер соопштија дека станува збор за 79 оштетени гробови во Шкофије и 31 во Свети Антон. Началникот на оперативно-комуникацискиот центар, Давид Искра, изјави дека конечната висина на штетата сè уште не е утврдена и може дополнително да се зголеми, во зависност од новите пријави од оштетените.
Од јавното претпријатие Марјетика Копер, кое управува со гробиштата, велат дека вакви инциденти се евидентираат и претходно, но овој случај се издвојува по обемот и тежината на направената штета. Според изјавата на Марко Угрин, особено сериозно е оштетувањето на гробиштата во Шкофије.
Полицијата информира дека се работи за кривични дела кражба, спречување на погреб и сквернавење на гроб, за што е предвидена затворска казна до три години. Гробовите биле уништени, расфрлани и ограбени, при што биле одземени различни гробни предмети.
Од полицијата ги повикуваат сите закупувачи на гробни места да ја проверат состојбата на гробовите и, доколку забележат оштетувања или интервенции, случајот веднаш да го пријават во најблиската полициска станица.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












