Фудбалскиот клуб ГФК Тиквеш 1930 официјално го назначи Оливер Богатинов за нов шеф на стручниот штаб.
Од клубот соопштија дека е постигнат договор за двегодишна соработка со тренер кој поседува богато искуство и професионален пристап стекнат во конкурентни фудбалски средини.
„Ова не е одлука донесена за краткорочен успех, туку чекор кој целосно се вклопува во нашата долгорочна визија – развој на млади играчи, модерен фудбал и создавање стабилен и препознатлив клуб на европската сцена“, порачаа од Тиквеш.
Во клубот сметаат дека назначувањето на Богатинов претставува јасен сигнал за амбициите и стандардите што сакаат да ги постават во иднина, изразувајќи уверување дека соработката ќе донесе нов развој и напредок.
Објавата предизвика интерес кај навивачите, бидејќи Богатинов не е многу познато име на македонската фудбалска сцена. Станува збор за 47-годишен тренер од Словенија со македонско потекло, кој како фудбалер настапувал исклучиво за словенечки клубови.
Покрај играчката кариера, Богатинов работел и како спортски директор во повеќе клубови, а како тренер последно ги предводел ФК Копер и НД Горица.
Со неговото доаѓање, Тиквеш започнува ново поглавје со амбиција за унапредување на тимот и остварување на повисоки резултати во претстојниот период.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












