Собранието вечерва со 59 гласа „за“ и девет „против“ го поддржа Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој се предвидуваат построги правила за работењето на приредувачите на игри на среќа и засилени мерки за заштита на граѓаните.
Информацијата на Фејсбук ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, посочувајќи дека законот носи значајни измени во регулирањето на секторот.
Според предложените решенија, казината и другите објекти за игри на среќа нема да можат да бидат лоцирани на растојание помало од 500 метри од основните и средните училишта.
Законот предвидува и забрана за рекламирање на излозите на објектите во кои се приредуваат игри на среќа, како и забрана за реклами што коцкањето го претставуваат како начин за постигнување личен успех или финансиска добивка.
Меѓу новините е и обврската секој апарат за игри на среќа да биде опремен со ГПС-систем, што ќе овозможи постојана контрола од страна на Управата за јавни приходи.
Со законските измени се предвидува и лиценците да не можат да се мултиплицираат, како и воведување нови финансиски обврски за отворање уплатно-исплатни места.
Дополнително, се зголемуваат банкарските гаранции што треба да ги обезбедат приредувачите на игри на среќа, а во законот се вградени и препораките на MONEYVAL при Советот на Европа за зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Предлог-законот е дел од реформите насочени кон построга регулација на секторот на игрите на среќа и зголемена контрола врз неговото работење.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












