Македонија и Албанија немаат отворени билатерални прашања, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај. Таа нагласи дека односите меѓу двете држави се темелат на соработка, меѓусебно почитување и грижа за правата на малцинствата.
Според Силјановска Давкова, македонското национално малцинство во Албанија претставува важен мост на поврзување меѓу двете земји, додека за албанската страна значајно прашање е статусот на Албанците во Македонија. Таа истакна дека двете држави остануваат посветени на почитување на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и на меѓународните стандарди во оваа област.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај оцени дека блискоста меѓу двете земји не е само географска, туку и суштинска и долгорочна. Тој нагласи дека Албанците во Македонија се дел од државотворниот народ и имаат значајна улога во стабилноста и европската перспектива на државата. Воедно посочи дека е важно доследно да се применуваат законските одредби за употреба на албанскиот јазик и принципот на правична застапеност во институциите.
На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за можноста за мигрантски кампови во Пустец, тема што предизвика протести кај локалното население, претежно од македонската етничка заедница. Бегај појасни дека не станува збор за трајно населување мигранти, туку за превентивна владина мерка што би се активирала само во случај на зголемен мигрантски бран.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












