Владата денеска во Дебар додели 47 социјални станови на семејства и граѓани од ранливите категории, продолжувајќи ја политиката за обезбедување достоинствени услови за домување на оние на кои им е најпотребна институционална поддршка.
На свеченоста присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката Марјан Стефановски и градоначалникот на Дебар.
Николоски истакна дека доделувањето на становите претставува уште една потврда за определбата на Владата да им помогне на најранливите категории граѓани.
„Денеска гледаме 47 семејства кои добиваат свој дом и можност за посигурна иднина. Станува збор за квалитетно изграден објект наменет за деца без родители, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од природни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, како и самохрани родители со малолетни деца. Особено ме радува што овие семејства денеска започнуваат ново животно поглавје во сопствен дом“, изјави Николоски.
Тој потсети дека во изминатиот период биле доделени 29 социјални станови во Велес, 32 во Кочани, 21 во Струмица и 19 во Гевгелија. Во тек се огласи за Пробиштип и Свети Николе, а во завршна фаза е изградбата на социјални згради во Бутел, Сарај и Прилеп, додека се планира изградба и во Штип.
Осврнувајќи се на развојот на Дебар, Николоски нагласи дека Владата инвестира и во локалната инфраструктура.
„Во општината се реализираат 22 инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за подобар квалитет на живот. Еден од нив е булеварот што ќе ја поврзе оваа станбена зграда. Ќе продолжиме да инвестираме во проекти што носат развој и подобри услови за живот за сите граѓани“, порача Николоски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












