Владата најавува драстично зголемување на казните за непочитување на Законот за нефер трговски практики, при што санкциите за трговците и добавувачите би можеле да достигнат и до 200.000 евра.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информира дека во текот на летото се планирани измени на Законот, а најголемите промени ќе се однесуваат на казнената политика. Според него, сегашните казни кои достигнуваат до 20.000 евра не се доволни за да ги спречат злоупотребите на пазарот.
„Практиката покажа дека се потребни одредени измени во Законот, особено во делот на казнената политика. Предвидуваме десеткратно зголемување на казните за сите што го прекршуваат законот на штета на производителите, добавувачите и граѓаните кои на крајот ја плаќаат цената на производите“, изјави Ристески.
Тој најави и дека новиот годишен оперативен план за вработување ќе почне да се реализира веќе од следната недела. Планот е насочен кон невработени лица и граѓани од социјално ранливи категории, со посебен акцент на младите до 29 години.
Според Ристески, оперативниот план веќе е усвоен од Владата и ќе понуди нови мерки за полесно вработување, самовработување и отворање сопствен бизнис. Во него ќе биде вклучена и можност за вработување на македонските иселеници кои сакаат да се вратат и да работат во земјата.
Целта на Владата е преку активни мерки да ги мотивира младите да го искористат својот претприемачки потенцијал и да започнат сопствен бизнис или да најдат работа во домашните компании, наместо да ја напуштаат државата.
Според податоците на Министерството за економија и труд, во текот на 2025 година мерките од оперативниот план ги искористиле околу 12.000 лица. Најголем интерес имало за мерката за самовработување, преку која повеќе од 2.600 граѓани отвориле сопствен бизнис.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












