Глобалните цени на нафтата забележаа пад од над еден отсто откако Доналд Трамп најави дека Венецуела ќе им отстапи на САД меѓу 30 и 50 милиони барели сурова нафта што досега беше блокирана во танкери и складишта.
Со најавениот договор, американската администрација би добила контрола врз продажбата на венецуелска нафта во вредност до три милијарди долари, што дополнително ќе ја зголеми понудата на веќе презаситениот глобален пазар. Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот потег може да изврши нов притисок врз цените, кои и минатата година го забележаа најостриот пад од периодот на пандемијата со ковид-19.
Референтната сурова нафта Брент во средата се тргуваше по цена нешто над 60 долари за барел, додека американската WTI нафта падна за 1,4 проценти, на 56,44 долари за барел.
Покрај ефектот врз пазарите, договорот отвора и геополитички прашања. Венецуела во моментов околу 80 проценти од својот извоз на сурова нафта го пласира во Кина, па евентуално пренасочување на количините кон САД би можело да предизвика нарушувања во снабдувањето и дополнителни тензии меѓу Вашингтон и Пекинг.
Кинеското Министерство за надворешни работи реагираше, оценувајќи дека Венецуела има „целосен и траен суверенитет над своите природни ресурси“, додавајќи дека барањата на САД претставуваат кршење на меѓународното право и мешање во внатрешните работи на земјата.
Во објава на својата платформа Truth Social, Трамп изјави дека средствата од продажбата на нафтата ќе бидат под директна контрола на американската администрација, со цел, како што наведе, да се користат „во интерес на народот на Венецуела и на Соединетите Американски Држави“. Тој додаде дека нафтата ќе биде преземена директно од складираните танкери и транспортирана до американските пристаништа.
Американскиот претседател најави и дека очекува привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, да овозможи целосен пристап на американските и приватните компании до венецуелската нафтена индустрија. За спроведување на договорот е задолжен американскиот министер за енергетика, Крис Рајт.
Во меѓувреме, во петок во Белата куќа се очекува средба меѓу Трамп и раководствата на нафтените гиганти Шеврон, КонокоФилипс и ЕксонМобил, на која ќе се разговара за можни повеќемилијардни инвестиции во венецуелскиот енергетски сектор.
„Шеврон“ во моментов е единствената американска нафтена компанија што сè уште има активности во Венецуела, откако средствата на „КонокоФилипс“ и „ЕксонМобил“ беа национализирани за време на владеењето на поранешниот претседател Уго Чавез, потег кој Трамп го нарече „најголемата кражба во историјата на Америка“.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












