Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за значително намалување на цените на нафтените деривати, со што од полноќ возачите ќе плаќаат пониски цени за бензините и дизелот.
Според новата одлука, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 84 денари за литар, што претставува намалување од четири денари. ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 86 денари за литар, односно за 3,5 денари поевтино, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) поевтинува за седум денари и ќе чини 80,50 денари за литар.
Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое ќе се продава по цена од 79,50 денари за литар, како и кај мазутот М-1 НС, чија нова цена ќе изнесува 42,291 денари за килограм.
Од Регулаторната комисија информираат дека со оваа одлука малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 6,61 проценти во однос на претходната пресметка од 15 јуни.
Како причина за поевтинувањето се наведува падот на референтните цени на светските пазари. Бензините бележат намалување од 8,216 проценти, дизелот од 12,699 проценти, екстра лесното масло за 12,354 проценти, а мазутот за 11,352 проценти.
Во пресметката влијание имал и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во анализираниот период бил понизок за 0,0396 проценти во споредба со претходната пресметка.
Од РКЕ потсетуваат дека утврдените износи се максимални малопродажни цени, а трговците имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












