Обилните врнежи од дожд во изминатиот период предизвикаа зголемување на водостојот на реките и одводните канали во повеќе региони низ државата, при што на неколку локации се регистрирани локални излевања, одрони и поплави.
Во Штипско–Кочанскиот регион, Кочанска река локално се излеа кај селото Горни Подлог, каде што со механизација интервенира КЈП „Водовод“ Кочани. Оризарска река излезе од коритото кај селото Грдовци, а на терен се екипи на Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата го регулира сообраќајот. Излевање е забележано и на Зрновска река, пред вливот во Брегалница, а состојбата континуирано ја следи Регионален центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница се со зголемен водостој, но засега без излевање. На патот Македонска Каменица – рудник Саса, Македонија пат интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевањето на реката Далја. Јавните претпријатија Водовод, Нискоградба и Комуналец работат со механизација, додека ТППЕ и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Сите пријави се координираат преку РЦУК Охрид и бројот 112. Кај Коселска река, во правец кон селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патната инфраструктура.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. На терен се екипи на ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“, додека Општина Кичево и Црвен крст се грижат за евакуираните жители.
Во Битолскиот регион се вршат контроли на повеќе локации. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, додека Македонија пат расчистува на регионалниот пат Р-2333. Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Слични активности за испумпување и заштита на загрозени површини се спроведуваат и во Ресен и Демир Хисар.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата е под постојан мониторинг од РЦУК, општинските служби и Водостопанство, а комуналните претпријатија и Македонија пат превентивно интервенираат на ризичните патни делници.
Во Тетовско, Општина Тетово со механизација работи на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица, по уривање на потпорен ѕид, постапуваат полицијата и инспекциските служби, а во Желино се интервенира по излевања на Стримница и Палатица. Патот кон Попова Шапка се расчистува со механизација по координација со РЦУК Тетово. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












