Надлежните служби предупредуваат на зголемен ризик од поплави и појави на заезерување на водата во текот на денешниот ден, при што најкритични се југозападните и западните делови на Република Северна Македонија. Според соопштението на Управа за хидрометеоролошки работи, состојбата на реките и суводолниците е под засилен мониторинг.
Од раните утрински часови е евидентиран пораст на водостојот на реките Коселска река, Сатеска и Ресенска река, како и на повеќе помали водотеци, каде што постои можност за локални излевања. Во Охридско-Преспанскиот и Струшкиот регион се очекува зголемена реакција на помалите реки и суводолници, додека во Струшкото Поле постои ризик од задржување на вода како резултат на заемно дејство меѓу подземните и површинските води.
Покачен водостој е регистриран и на реката Вардар во горниот дел од сливот, со можност за излевања на одредени локации во Гостиварскиот регион и појава на заезерување во Полошката Котлина. Истовремено, реката Црна река во долниот тек е со зголемено ниво, при што се очекуваат локални поплавувања и задржување на вода во Пелагониската Котлина и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот слив, иако нема значително зголемување на нивото, можни се заезерувања во Демирхисарскиот крај.
Зголемен водостој е забележан и кај реката Треска, каде што се предвидуваат локални излевања и задржување на вода долж целиот слив, вклучително и во Кичевскиот регион.
Од УХМР информираат дека врнежите во текот на денот ќе бидат претежно од дожд, додека на повисоките места ќе има дожд и снег. По 18 часот се очекува продор на северен ветер и пад на температурите, при што врнежите постепено ќе преминат во снег и во пониските делови.
Надлежните институции апелираат до граѓаните за зголемена претпазливост при движење во близина на реки и суводолници, особено во југозападните, западните и северозападните региони на земјата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












