Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечерва ја пречекуваат Старата нова година, која започнува утре со празникот Василица, односно на 1 / 14 јануари.
Во Македонија, Василица традиционално се празнува во многу семејства како домашна слава, а свој именден го одбележуваат сите кои го носат името на Свети Василиј Велики – Васил, Васко, Васе, Васка и други. На празничната трпеза се крши погача со паричка, а според народното верување, оној кому ќе му се падне паричката ќе има среќна и бериќетна година.
По повод празникот Обрезание Господово и споменот на Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонска православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.
Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Роден е во Кападокија, а своето образование го стекнал во Атина. Познат е како истакнат христијански филозоф, епископ и силен заштитник на чистотата на православното учење. Се упокоил на 14 јануари 379 година.
Покрај Македонската православна црква, верските празници според Јулијанскиот календар ги одбележуваат и Руската и Српската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.
Инаку, Црквата има и свое црковно чествување на почетокот на Новата година, кое се одбележува на 1 / 14 септември.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:










