На иницијатива на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Клубот на пратениците е најавено одржување лидерска средба со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието. Според најавите, на средбата ќе се разговара за реформските закони од областа на правосудството, изборот на народен правобранител, измените на Изборниот законик, можноста за укинување на техничката влада, како и за други прашања што ќе ги предложат учесниците.
Од опозициските партии, учество на средбата потврдија лидерите на Левица и ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети. Наспроти тоа, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот за учество.
Од коалициските партнери во Владата се очекува присуство на претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, како и на претставникот на коалицијата ВРЕДИ, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Лидерската средба беше поздравена и од ЛДП и ДОМ. Од ЛДП преку соопштение порачаа дека се подготвени да присуствуваат, но потенцираа дека средбата не треба да се сведе само на прашањето за укинување или задржување на техничката влада, туку да опфати теми од суштинско значење за животот на граѓаните.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција одржана на 8 јануари изјави дека не сака да учествува на средба, како што рече, „со криминалци“, и го обвини Мицкоски дека преку иницијативата бара алиби за распишување предвремени парламентарни избори. Според него, техничката влада треба да остане како гарант за фер и демократски избори и како механизам за спречување злоупотреба на институциите. Во однос на реформската агенда, Филипче истакна дека расправата за законите треба да се води во Собранието, каде што СДСМ ќе ги поддржи сите квалитетни решенија, додавајќи дека партијата ќе учествува на парламентарни избори доколку тие бидат распишани.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












