Македонија во својот најсилен состав ќе го дочека вечерашниот дуел против Португалија (18 часот), откако селекторот Кире Лазаров повторно ќе може да смета на голманот Никола Митревски и пивотот Жарко Пешевски.
Двајцата искусни ракометари не беа во составот на стартниот натпревар против Данска поради ситни повреди, но тие проблеми сега се надминати и Митревски и Пешевски се целосно подготвени за настап во клучниот дуел кој се игра вечерва во Хернинг.
Се очекува Митревски да биде стартен голман, особено ако се има предвид дека против себе ќе има ракометари со кои има богато искуство од периодот кога настапуваше за Бенфика и Порто. Од друга страна, присуството на Пешевски во нападот треба да донесе дополнителна стабилност и сила на линијата, што може да биде од пресудно значење во борбата за позитивен резултат.












