Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, очекувано беше презадоволен од изданието на Македонија против Португалија во рамките на второто коло на Европското првенство. Ремито од 29:29 донесе бод, но и чувство на жал, со оглед на тоа што македонската селекција имаше реална шанса и за победа.
„Не знам дали смеам да кажам сè што ми е на душа, затоа што има многу работи. Мора да бидеме претпазливи за да не навредиме некого. Доволно кажав. И пред првенството истакнав дека сме мала и често деградирана земја и дека не е лесно да се игра против вакви силни селекции. Ова не е алиби, видовте и сами дека така е. Така ќе биде и во иднина, ќе мора да се бориме против вакви работи. Јавноста сака спорт, сака ракомет“, изјави Лазаров.
Селекторот упати честитки до своите ракометари за прикажаното против полуфиналистот од Светското првенство и селекција која отворено најави борба за медал. Тој нагласи дека тимот направил голема работа, особено ако се земе предвид дека Македонија ги загуби двете крила и најискусниот играч, што сериозно ги нарушило тактичките концепти.
„Беше тешко, се растурија сите концепти и настана хаос кон крајот на првото полувреме. На паузата се обидовме да го средиме тоа. Не почнавме најдобро во вториот дел, но за среќа успеавме да стигнеме до позитивен резултат. Пред мечот со Данска реков дека мора да се бориме за секој гол, бидејќи гол-разликата е исклучително важна“, додаде Лазаров.
Тој потенцираше дека тимот потрошил многу енергија и емоции и дека сега е потребно смирување и одмор. „Нашата крв е врела, македонска крв. Утре нема да тренираме, ќе одмориме и ќе преспиеме, па ќе ја видиме состојбата со левите крила. Ќе пресметаме што ни е потребно за третото место, иако не зависи сè од нас. Прво и основно, мора да се подготвиме за следниот меч. Треба да победиме, иако не е коректно лесно да се каже тоа, бидејќи Романија е сериозен противник. Тие отворено кажаа дека нивна цел е Македонија и дека се подготвени за вистинска борба. Очекувајте фајтерски дуел“, порача селекторот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:













