Пред три години, како десетта амбасадорка на Соединетите Американски Држави, пристигнав во Скопје, во оваа убава земја, порача Анџела П. Агелер во својата проштална порака. Таа истакна дека и тогаш, и денес, чувствува длабока чест и понизност што имала можност да ја претставува својата земја во Македонија.
Агелер се потсети дека на почетокот на својот мандат изразила силна вера во храброста и издржливоста на македонските граѓани, вера која, како што нагласи, во изминатите три години постојано се потврдувала и зајакнувала. Таа додаде дека токму тогаш сакала да направи суштинска разлика во области како економскиот раст, енергетската независност, судскиот интегритет, образованието, културната отпорност и европската интеграција. Во дел од овие области, заедничката работа донела конкретен напредок, а во други сè уште останува многу да се направи.
Во однос на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу САД и Македонија во 2025 година, Агелер нагласи дека партнерството меѓу двете земји трае повеќе од три децении и претставува пример за сила, компромис и трпелива решителност. Изминатите три години покажале конкретни и опипливи резултати од вистинско пријателство и конструктивно партнерство.
Како примери, таа ги наведе напредокот во исполнувањето на обврските во рамките на НАТО, набавката на современи тактички возила и нивното учество во големи мултинационални воени вежби, како и напредокот на најголемиот инфраструктурен проект во земјата, кој треба да ги отвори стратешките коридори 8 и 10 и да придонесе за поголема регионална безбедност и трговија. Агелер истакна и дека партнерството значи јавно соочување со корупцијата и криминалните структури, поддршка на судските реформи и санкционирање на оние кои ја злоупотребувале довербата на граѓаните.
Таа додаде дека соработката опфатила создавање можности во заедници каде надежта била ослабена, поттикнување на реален економски раст, развој на енергетски и инфраструктурни проекти, како и соработка во области како технологија, здравство, транспорт, безбедност, образование и заштита на животната средина. Особено ја истакна грижата за културното наследство, кое претставува светско богатство.
Агелер оцени дека во текот на трите години, соработката меѓу двете земји прераснала во вистинско пријателство со граѓаните низ целата држава. Таа се потсети на посетите на училишта, цркви, судови, домови, фарми и винарии, како и на искрените разговори за прашања од заедничко значење, дури и кога не постоело целосно согласување. Граѓаните со неа ги споделувале своите соништа, визии, разочарувања и тагата по загубените најблиски.
„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината убавина, историја, традиции и култури, но и противречностите, издржливоста и хуморот на луѓето во најтешките моменти“, порача Агелер, додавајќи дека ја напушта Македонија со чувство на длабока благодарност за добрината, дарежливоста и силата на граѓаните.
На крајот, таа порача дека Соединетите Американски Држави секогаш ќе стојат покрај Македонија, поддржувајќи ја визијата за посилна, побезбедна и целосно интегрирана евроатлантска држава. „Ова е ваша земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонува. По три години, сè уште ја носам истата силна вера во храброста и силата на нејзините луѓе“, заврши Агелер со охрабрување граѓаните да бидат здрави, храбри и силни.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











