Соединетите Американски Држави се погодени од еден од најсилните студени бранови оваа зима, поради што во најмалку 16 сојузни држави е прогласена вонредна состојба. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA) е целосно подготвена за одговор на најавената зимска бура.
Преку социјалната мрежа Truth Social, Трамп истакна дека федералната администрација е во постојана координација со државните и локалните власти и упати апел до граѓаните да бидат внимателни и да останат на топло.
Метеоролозите предупредуваат дека бурата ќе донесе обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и екстремно ниски температури, кои ќе зафатат околу две третини од источниот дел на земјата. Се очекуваат сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и значителни нарушувања во патниот и воздушниот сообраќај, пренесува Ројтерс.
Големите американски авиокомпании веќе ги известија патниците за можни доцнења и откажувања на летови поради влошените временски услови.
Вонредна состојба е прогласена во Алабама, Арканзас, Џорџија, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна Каролина, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас и Вирџинија, а истата мерка е воведена и во главниот град Вашингтон, објави ABC.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












