Попладнево во 17 часот од пред Работничкиот дом ќе започне организирана поворка на работници, кои преку протест ќе го искажат своето незадоволство од ниските плати и ќе побараат зголемување од најмалку 6.000 денари, со цел минималната плата да достигне 600 евра.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, порача дека протестот е борба за иднината на семејствата во земјава. Тој истакна дека станува збор за протест „за децата, ќерките и синовите, за внуците и внуките“, со цел младите да не бидат принудени да ја напуштаат Македонија во потрага по подобар живот.
Трендафилов ги повика граѓаните да се приклучат на протестот и да излезат на улица заедно со работниците, нагласувајќи дека молкот и неучеството се толкуваат како поддршка на состојбата во која платите не се зголемуваат, а реалноста на мнозинството граѓани се игнорира.
Поворката ќе започне од Работничкиот дом, кој, како што беше посочено, претставува симбол на работничката борба, по што ќе продолжи кон Собранието, за кое од ССМ велат дека останува глуво на предлозите за зголемување на платите, иако пратениците земаат значително повисоки примања. Потоа протестот ќе се упати и кон работодавачите, кои синдикатот ги посочува како едни од главните виновници за долгогодишното иселување на работната сила, а ќе заврши пред Владата, која, според нив, со децении не презела суштински чекори за подобрување на положбата на работниците.
Од ССМ нагласуваат дека платите во Македонија се недостоинствени и не го следат растот на трошоците за живот, додека функционерите, како што велат, си обезбедуваат комфор на грбот на сиромашните граѓани.
Според пресметките на Сојузот на синдикатите, за периодот од две години, колку што Владата одбива да прифати зголемување на платите, а работодавачите не се согласуваат на договор со работниците, куповната моќ е намалена за околу 9.500 денари, што одговара на зголемувањето на вредноста на Синдикалната минимална кошница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












