Европското првенство во ракомет ќе добие нов шампион, откако станаа познати четирите селекции кои ќе се борат за медалите и пласман во полуфиналето. Меѓу нив го нема актуелниот европски првак Франција, која не успеа да ја одбрани титулата.
Во последниот натпревар од главната фаза по групи, Французите вечерва беа поразени од Германија со 38:34. Со оваа победа, Германците обезбедија пласман во полуфиналето и ѝ се приклучија на Данска, актуелниот олимписки и светски шампион, како двете најдобро пласирани селекции од првата група. Данците допрва треба да го одиграат својот натпревар против Норвешка, а со евентуална победа ќе го потврдат првото место во групата.
Шанса за медал ќе има и селекцијата на Хрватска. Популарните „каубои“ во натпреварот од втората група направија пресврт во второто полувреме и ја совладаа Унгарија со 27:25. Со оваа победа, Хрватска го обезбеди првото место во групата, пред Исланд, кој претходно беше подобар од Словенија и заврши како второпласиран.
Доколку Данска вечерва ја оправда фаворитската улога и ја совлада Норвешка, во полуфиналето Хрватска ќе се сретне со Германија, додека вториот полуфинален дуел ќе биде меѓу Данска и Исланд.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












