Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна акција за чистење и уредување на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од целата држава.
Тој информира дека во активностите се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, со цел да се среди, како што нагласи, срцето на македонското здравство, кое со години било запоставено. Акцијата, според Ѓорѓиевски, претставува директен одговор на оправданите реакции и забелешки од јавноста.
Градоначалникот порача дека просторот каде што се лекуваат граѓаните мора да биде чист, безбеден и достоинствен, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина соодветна на неговата улога и значење.
Во рамки на акцијата се врши миење и чистење на улиците и паркинзите, отстранување на запуштената и опасна вегетација, чистење на сливниците, метење на јавните површини со специјализирани возила, како и подигнување на кабаст и комунален отпад. Најавено е дека ќе биде уреден секој дел од комплексот, со цел Клиничкиот центар да добие изглед достоен за институција од национално значење.
Ѓорѓиевски истакна дека ова не е еднократна интервенција, туку почеток на континуирана грижа, при што ваквите акции ќе продолжат и во иднина за одржување на хигиената и безбедноста на најважните јавни простори во Скопје.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












